Добро е што е Лихтенштајн, од секоја гледна точка!

624

СпортСпорт во Вадуц (Лихтенштајн)

Огнен Дојчиновски

Македонската фудбалска репрезентација од синоќа е во Вадуц, каде што утре со почеток од 15 часот го игра првиот квалификациски дуел од Мундијалската кампања против домаќинот Лихтенштајн.

Нашата експедиција по краткиот чартер лет, и превозот до базата тука во Вадуц, се смести среде Алпите кои што во моментов за нас значат многу. Зошто? Од проста причина што ниту за репрезентативците на Македонија, селекторот, стручниот штаб и се околу нив, а ниту за нас „пропратните“ членови на екипажот кои сме пристигнати тука ни е потребна „помпа“ околу нашето присуство. Напротив, селекторот Милевски и самото ФФМ замолија, инсистираа, на што е можно помала медиумска присутност, поради катастрофата во Кочани, па така и е во моментов.

Токму затоа, добро е што сме во моментов во Лихтенштајн. Добро е што овој дуел го играме со малата Алпска држава во која ама буквално ништо не се случува. На спортски, фудбалски план пак особено. Тоа за нас во моментов е одлично.

Во мир нашите репрезентативци да го одработат овој дел од квалификацискиот прозорец, да се подготват за утрешниот меч против домаќинот, и да победат. Незамисливо ќе беше сега за нас да бевме, во некоја Романија, или пак, друга балканска земја, каде што медиумите ама буквално на нашите репрезентативци ќе им дишеа во врат.

Македонија реално овојпат мора да победи. Ваквите мечеви кога „се мора“ се најтешките, но како што и самиот Јован Манев, момчето од Кочани кое што се одважи, смогна сили да излезе пред јавноста рече: „Мора во оваа катастрофа да сме сплотени и да смогнеме сили да продолжиме“, така велиме и ние. Македонија ќе смогне сили и ќе победи, ќе продолжи да чекори, во уште еден нов, квалификациски циклус за кој се надеваме дека ќе биде успешен.

ПретходноОд Пловдив испратена порака со сочувство за настраданите во Кочани!
СледноВо знак на жалост фудбалерите ќе играат со темни дресови!