Македонија оди по шестата победа во низа, Столе сака подобрување на рекордот од 531 минути без примен гол!

321

Нашата најдобра фудбалска репрезентација, денеска од 15 часот на “Рајнпарк“ стадионот во Вадуц ќе отвори уште еден квалификациски циклус за СП. И гостуваме на селекцијата на Лихтенштајн во меч од 1.коло во групата – Ј, му гостуваме на нашиот муштерија против кого имаме 10 победи во вкупно единаесет меѓусебни средби досега.

Во траорна атмосфера во државата, поради настаните во Кочани, посакуваме победа. Тоа вчера го кажаа и селекторот Благоја Милевски и капитенот Енис Барди.

Се знае кој е фаворит, се знае каде е квалитетот и се знае дека од нашите момци очекуваме победнички старт во овој квалификациски циклус. Сите сакаме и очекуваме победа и тоа без примен гол со цел да ја продолжиме неверојатната серија од пет победи во низа без да се тресе нашата мрежа. Исто така посакуваме победа без примен гол и поради нашиот репрезентативен голман Столе Димитриевски како тој уште повеќе би го подобрил својот рекорд кој засега е 531 минути чиста мрежа.

Јасно е дека победата е најважна, трите бода се императив, ама нема да биде лошо ако таа победа ја зачиниме и со чиста мрежа на Столе.

Македонија сега е во серија од седум меча без пораз на официјални квалификациски мечеви. Тука не ги сметаме пријателските лани во Анталија и во јуни против Хрватска и Чешка.

Секако дека ни во сон не помислуваме на пораз, но вреди да се напомене дека последен пат сме биле поразени во еден квалификациски меч на 17 ноември 2023 година среде Рим и тоа од Италија. Од тогаш па наваму сме одиграле седум меча и имаме пет победи и две ремија.

Па нека биде денеска шеста победа во низа и тоа без примен гол.

Момци, вие сте на потег денеска од 15 часот во Вадуц.

ПретходноМу се може: Халанд потроши 4,7 милиони евра за нов автомобил!(ФОТО)
СледноДенвер повторно немоќен без Јокиќ, рекордна вечер за Авдија (ВИДЕО)