Македонија победи за Кочани! (ФОТО+ВИДЕО)

584

СпортСпорт во Вадуц (Лихтенштајн)

Огнен Дојчиновски

Нашата најдобра фудбалска репрезентација, во својот најтежок меч во историјата, успеа попладнево да слави во Вадуц, на гости кај Лихтенштајн, со 0:3 во првиот меч од квалификациите за пласман на СП 2026. Стрелци на головите беа Трајковски во 7., Муслиу во 42.минута и Миовски во 84.минута.

Македонија денеска во Вадуц победи за Кочани. Победи за сите Македонци кои деновиве се во шок по настаните во овој град, но најмногу победи во чест на 59-те жртви од страшната трагедија.

Четата на селекторот Благоја Милевски, одигра добро, квалитетно, таман колку што требаше да се победи денешниот ривал. По малку и на рутински начин.

Сепак трите бода се најважни на стартот во овие квалификации во групата – Ј.

Ова за Македонија е шеста победа во низа и тоа без примен гол, па така сега рекордот на Столе Димитриевски е 621 минути без примен гол.

Скоја чест.

ТРАЈКОВСКИ МНОГУ РАНО НОСИ ВОДСТВО

Мечот во Вадуц започна доста мирно, како Македонија да сакаше да види со кого си има работа во тие почетни минути. И тогаш по еден напад, Миовски од лево убаво го проигра Трајковски, а овој убаво ја зафати топката со глава, само се “поклони“ и успеада донесе водство на Македонија. Ова за него беше 22 гол во 92 настап за нашата репрезентација.

Лихтенштајн имаше шанса преку Пици да израмни, но нашиот Столе Димитриевски убаво се снајде и го спаси својот гол.

Во 36.минуата нашите бараа пенал, можеби и имаше откако Алими беше фаулиран, но сепак не беше покажано на белата точка.

Да не се замине на пауза со тоа минимално водство, се погрижи Муслиу, кој постигна прекрасен гол и тоа во пад, откако Барди од корнер нафрли.

Па така на полувреме резултатот беше 0:2 за Македонија.

ГОЛ НА МИОВСКИ, ДЕБИ НА ТОШЕВСКИ

Во второто полувреме, уште на почеток селекторот Милевски во игра ги внесе Илиевски Атанасо, нешто подоцна во игра влегоа и Тошевски и Димоски. За овој првиот ова е и деби настап во репрезентацијата.

Инаку уште на самиот старт на првиот дел, Македонија имаше шанса за 0:3, и тоа како опасно се закани, но сепак останаа тие 0:2. И во овој дел од мечот нашите момци го контролираа мечот, знаеја како и да се заштедат, ако се знае дека веќе во вторник играме со Велс.

Во 59.минута, во чест на 59-те жртви во Кочани, нашите фанови на “Рајнпарк“ стадионот во Вадуц станаа и скандираа – Кочани, Кочани.

Навистина трогателна сцена во Вадуц.

Во 76.минута Чурлинов по една добра акција, беше фаулиран пред голот на домашните, но повторно немаше пенал за Македонија. Бадијала реакциите на нашите момци.

Малку недостигаше Тошевски во 82.минута со гол да го зачини своето деби, но немаше среќа.

Но затоа Миовски во 84.минута “стрелаше“ за 0:3.

____________________________________________________________________

Квалификации за СП 2026, група – Ј

ЛИХТЕНШТАЈН – МАКЕДОНИЈА 0:3 (0:0)

Рајнпарк“ стадион во Вадуц. Судија: Микола Балакин (Украина). Стрелци: Трајковски 7., Муслиу 42., Миовски 84. (МАК).

ЛИХТЕНШТАЈН: Б. Бухел, С. Волфингер, Трабер, Вајсер, Гопел (54. Киндле), Хофер, Лухингер, Н. Хаслер, Селе, Салановиќ (62. Саглам), Пици (62. Луку – Нотаро).

Селектор: Конрад Фунфштук.

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Серафимов (46. Илиевски), Муслиу, Алиоски (62. Димоски), Чурлинов (80.Трапановски), Барди, Алими (46. Атанасов), Елмас, Трајковски (62. Тошевски), Миовски.

Селектор: Благоја Милевски.

ПретходноВо 59. минута, оддадена почит за 59-те жртви: Кочани, Кочани….(ВИДЕО)
СледноМакедонија со шеста победа во низа, Столе со 621 минута без примен гол!