Џорџ Форман почина на 76-годишна возраст, потврди неговото семејство. Легендарниот боксер во тешка категорија имаше една од најдолгите кариери во спортот, која кулминираше со олимпиското злато во 1968 година.
Исто така, Форман двапати беше светски шампион во тешка категорија со разлика од 21 година помеѓу двете титули. Потоа со својата втора титула стана најстариот шампион во историјата на оваа категорија со 45 години.
Првата титула ја загуби од Мухамед Али во познатата борба „Rumble in the Jungle“ во 1974 година.
Форман во кариерата имаше 76 победи, од кои 68 со нокаут, што е двојно повеќе од Али, кој речиси сите го сметаат за најголем во историјата на овој спорт.
Форман се повлече од боксот во 1997 година пред да почне да ја промовира скара што го носи неговото име и му донесе дополнително богатство по кариерата.
Изјавата на неговото семејство од Инстаграм ја реобјавуваме во целост.
„Нашите срца се скршени. Посветен сопруг, грижлив татко и горд дедо и прадедо – тој живееше живот исполнет со непоколеблива вера, понизност и цел.
Хуманитар, олимпиец и двократен светски шампион во тешка категорија, тој беше длабоко почитуван – сила за добро, човек со дисциплина, убедување и заштитник на своето наследство. Неуморно борејќи се за зачувување на своето име и чест – за неговото семејство“, се вели во соопштението.