Мислите на белгискиот репрезентативец Кевин Де Брујне се во САД. Имено, неговиот агент веќе разговарал со Сан Диего за можен трансфер на Белгиецот ова лето.
33-годишниот играч од средниот ред најверојатно ќе стане слободен играч по завршувањето на сезоната и голема е веројатноста играчот да не го продолжи договорот со Манчестер Сити.
За него интерес покажаа голем број клубови од Саудиска Арабија, но самиот играч претпочита да се пресели во МЛС. Спортскиот директор на Сан Диего изјави дека клубот преговарал со агентот на Белгиецот, но договорот засега е тешко веројатен, ако не се променат високите барања за плата на играчот.
„Овие гласини… не знам од каде доаѓаат. Зборував со неговиот агент, но агентот претставува многу играчи. Тој е фантастичен фудбалер и има голема љубов кон САД. Секоја година го поминува одморот овде, но не знам од каде доаѓаат сите овие гласини. Ќе бидам искрен: неговите очекувања за плата не се во нашиот буџет во моментов“, рече извршниот директор на Сан Диего, Тајлер Хепс.