Фудбалската репрезентација на Македонија до 17. години во моментов се наоѓа во Шкотска, каде што го игра квалификацискиот турнир против домаќикот, Романија и Лихтенштајн.
Минати се две кола, во првото одигравме 2:2 против Шкотите, Лихтенштајн е совлада со 1:0 во втората рунда, а сега одиме на мегдан со Романија. Мечот се игра на 25 март во вторник.
Селекторот Димитар Капинковски е задоволен од она што го одиграа неговите избраници во изминатите две кола и бодовите кои се освоени и потполно заслужени.
„На досегашните два натпревари имаме еден нерешен резултат и една победа против Лихтенштајн. На првиот дуел против Шкотска, момците одиграа максимално добро. Имавме и водство, но за жал примивме гол од офсајд. Губевме и со 1:2, успеавме да се вратиме на 2:2 и покажавме супер карактер против домаќинот против Шкотска која што ете ја победи и Романија со 2:0. Има квалитет и континуитет како селекција. Се вкупно гледано сум задоволен од она што играчите го покажуваат во насока на напредок во играта, и карактерот кој што го покажуваат во овој краток период кој што сме заедно и од како сум селектор. Мечот против Лихтенштајн го одигравме со измешан состав, го победивме, и тоа ми дава за право да сум уште позадоволен. Затоа што и играчите кои чекаа шанса од клупата покажаа дека се конкурентни за полна минутажа. Одиме сега против Романија исто така да одиграме како и досега, максимално мотивирано, квалитетно и да победиме. Така ќе биде секогаш и против секој противник кога сум јас селектор. Македонија ќе оди да победи“ – изјави Капинковски за Спортспорт.