Педесет и девет животи згаснаа откако изби пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Не постојат зборови со кои ќе се утешат најблиските на настраданите и со кои ќе се ублажи болката од загубата.
Во вакви моменти на трагедија останува да бидеме најсилната поддршка меѓусебе, едни за други, и да ја покажеме солидарноста. Да застанеме зад оние на кои сега им е најпотребно – на повредените кои закрепнуваат и нивните семејства како и на семејствата и пријателите кои ги загубија своите најблиски во пожарот.
Екипата на Дино Баскет од Кочани, која се натпреварува во македонските првенства повеќе од една деценија, загуби млад и талентиран кошаркар, а шефот на стручниот штаб и уште еден кошаркар се борат за своите животи.
Екипите на Шкупи и на Струмица Ролинг, преостанатите противници на Дино Баскет до крајот на натпреварувачката сезона во третата лига мажи, ќе ги организираат натпреварите на домашен терен во знак на солидарност, поддршка и помош кон кошаркарскиот состав од Кочани.
Двата натпревари ќе бидат од хуманитарен карактер. Вратите на спортската сала СРЦ Кале каде Дино Баскет ќе настапи против Шкупи ќе бидат отворени за секого. В Струмица пак во спортската сала „Парк“, неколку дена подоцна, влезница за натпреварот ќе чини 100 денари, а целиот приход од продажбата ќе биде дониран. На влезовите во спортските сали каде ќе се одиграат двата натпревари ќе бидат поставени кутии за донации во кои секој којшто ќе влезе во салата ќе може да донира, колку сака и колку може, за оние на кои сега им е најпотребно.
Натпреварот помеѓу екипите на Шкупи и Баскет Дино е закажан за в четврток (27. март, 2025 година) со почеток во 19:00 часот. Натпреварот против Струмица Ролинг и Баскет Дино е закажан за в сабота (29. март, 2025 година) со почеток во 18:30 часот.
Да им оддадеме почит на оние кои нè напуштија прерано. Нивниот спомен нека живее вечно во сите нас, а нивните души нека пронајдат мир и спокој.
Вечна им слава на починатите!