Вечерва од 20:45 часот пред пред полни трибини на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, А-репрезентацијата на Македонија го игра еден од најважните мечеви во овие квалификации за СП 2026. Играме со Велс, и по оние стартни три бода од Вадуц во саботата, имаме шанса да дојдеме и до втората победа во групата – Ј.
Јасно е дека по овој меч многу работи ќе бидат познати, јасно е дека нема ништо да биде решено дефинитивно, но ако се знае дека Казахстан и Лихтенштајн се апсолутни аутсајдери, тогаш секој гол, секој бод и секоја победа во нашата група против Велс и Белгија се злато вредни.
Да, играме со силен тим. Играме против состав кој знае што сака, но ние знаеме како се победува Велс, така беше пред 12 години, така нека биде и вечерва.
По се она што се случи минатата недела во Кочани, по онаа страшна трагедија, нашите момци ќе играат со уште поголеми мотиви. Кочани заслужува да се даде и последниот атом од силите за да се дојде до добар резултат, до победа.
Оние 30.000 фанови на Арената, кои здушно ќе ја бодрат Македонија, како и сите оние покрај ТВ екраните кои ќе треперат во текот на сите вечерашни 90 минути, исто посакуваат голема битка, голема борба и победа на Македонија.
Големиот гест на ФФМ, сиот приход да оди кај семејствата на загинатите во страшната трагедија во Кочани и кај повредените, секако дека уште повеќе го набилда патриотизмот. Вечерва сите со купени билети ќе навиваат за својата Македонија, за Барди, Елиф, Бојан, Столе и останатите наши момци.
Денеска селекторот Благоја Милевски полни 54 години, па има ли подобар начин неговите избраници да му го честитаат роденденот на својот шеф со победа? Секако дека нема.
Македонија вечерва ќе биде исправена пред голем предизвик. А-репрезентацијата на Македонија против себе ќе има силен тим, но ајде да признаеме дека и ние имаме сила, имаме квалитети, имаме знаење како да дојдеме до победата.
Без разлика на се она што се случува околу нив, нашите момци како големи професионалци вечерва треба да влезат во мечот со ладни глави што се вели, без некои посебни емоции ако е тоа можно. Само така може да се одигра на тоа потребно ниво. Има време за емоции, има време за тага и радост, потребна е максимална концентрација.
А тие тоа го можат, не се сомневаме.
Останува уште само да им посакаме многу среќа… и…
МАКЕДОНИЈА ОДИ НА ПОБЕДА!
НАПРЕД МАКЕДОНИЈА