Сега веќе и дефинитивно е јасно дека овој Вардар од пролетната полусезона е сосема некој друг Вардар во однос на есенскиот дел. Од овој Вардар сега сите стравуваат,без разлика дали играат дома или на гости.
Резултатите од пролетниот дел се најдобар доказ за тоа.
Како што е познато, утре во Битола од 15 часот на програмата е “Дербито на Македонија“, веројатно најголемиот меч во клупскиот фудбал во Македонија, во него се среќаат уште еднаш Пелистер и Вардар.
Едиз Спахиу во зискиот преоден рок од Тиквеш направи трансфер во Вардар и веднаш покажа какво големо засилување.
За она што може да се очекува од ова големо дерби,напаѓачот на вардарци истакна:
“Сите во тимот даваме максимум на терен, ги исполнуваме задачите на стручниот штаб.Тоа се гледа од местото на табелата каде сме сега. Добро знаеме дека играме против сериозен противник, максимално сме подготвени и сакаме со бодови да се вратиме од Битола. Посакувам да ја продолжам таа серија на голови, да му помогнам на Вардар колку што можам, одлично би било токму јас да го решам ова дерби“ истакна Спахиу.
Експедицијата на Вардар попладнево отпатува во Битола каде вечерва ќе биде во карантин. Што се однесува до играчкиот кадар, стратегот Гоце Седлоски не може да смета на Пинтер, поради картони и Дианеси поради повреда. Мато се врати откако имаше настап за Уганда.