Плејмејкерот на Пелистер е оптимист не само за триумф над Вардар, туку и за серија добри игри на „зелено-белите“ во претстојниот плејоф Кошаркарите на Пелистер максимално се подготвуваат за наредниот предизвик во прволигашката конкуренција, домашниот дуел со екипата на Вардар (сабота, 19.30 часот, сала „Боро Чурлевски).
„Зелено-белите“ беа погодени од големата трагедија во Кочани, секако дека атмосферата во самата екипа беше нарушена од страшната случка, но избраниците на тренерот Трајковиќ ќе сторат се за да одиграат квалитетен меч и да забележат нова победа.
„Искрено, беше тежок период, големата трагедија ги погоди сите во државата, па така и нас спортистите, беше многу тешко да се мисли на кошарка. Не беше време ниту за тренинг, ниту за натпревари, но сега мораме да се фокусираме пред предизвиците што се пред нас. Играме со Вардар, тим што нема ниту една победа досега, но тоа не значи дека ние треба да се опуштиме. Ова ни е последен меч на домашен терен пред плејофот, а целта ни е јасна, да ја креваме формата пред клучните битки за највисок пласман“, изјави Бобан Стајиќ, еден од најстандардните кошаркари во таборот на Пелистер.
Според него, формата на „зелено-белите“ одлично се темпира за актуелниот вицешампион на Македонија да го покаже најдоброто токму во клучниот дел од сезоната.
„Во изминатиот период одработевме бројни тренинзи со американскиот центар што последен пристигна и можам да кажам дека напредокот во нашата игра е очигледен. Навистина, имавме бројни осцилации низ сезоната, игравме топло-ладно, но верувам дека влеговме во ритамот што го посакувавме и максимално подготвени ќе го дочекаме плејофот и борбката за што подобар пласман“, оптимист е Стајиќ.
Управата на КК Пелистер се реши да ги отвори вратите на „Боро Чурлевски“ в сабота, па влезот за овој натпревар ќе биде бесплатен.