Алкалоид немаше многу време за одмор по дуелот со ГРК Охрид во последното коло во Супер-лигата. Кирил Лазаров и неговите момци целосно се свртени кон реванш мечот против Баја Маре во рамките на четвртфиналето во ЕХФ Европскиот Куп. Првиот натпревар на гостински терен заврши без победник 31-31, па токму на оваа средба ќе се решава патникот во полуфиналето.
„Се наоѓаме во еден период каде што ќе се бориме како клуб за пласман во полуфинале во ЕХФ Европскиот Куп, ова е меч од големо значење за тимот, но и за македонскиот спорт. Ќе влеземе доста претпазливо против Баја Маре.
Сакам да им честитам на моите играчи за сето она што го доживеаја и поминаа пред и за време на мечот, и начинот на кој се функционира кога се игра на гостински терен. Горд сум што одигравме квалитетно и се изборивме за позитивен резултат. Знаејќи од моето искуство знам што може да се случи на такви гостување. Ние имаме екипа со 99 посто млади играчи, за кого ова е ново искуство на гостински терен“, рече Лазаров на официјалната прес-конференцијата.
Тој е разочаран од она што го добиле како материјал од романскиот тим, цело второ полувреме го немало на снимката.
„Претпазлив сум и немирен, таа снимка што ја добивме е половична, второто полувреме не е снимано, не постои снимка. Ќе пробаме да се соземеме и да одиграме добар меч, секој нивни старт беше груб и не беше санкциониран, па се надеваме дека тука ќе биде тука поинаку. Имаат 11 интернационалци, прекалени играчи, не сакам да ја испуштиме шансата да вложиме максимум за да се пласираме во полуфинале. Очекувам поддршка од навивачите за да ја исполниме нашата цел за доброто на клубот и македонскиот ракомет.
Очекувам тврд натпревар, нивниот меч во домашното првенство не го одиграа, доаѓаат порано за да можат да се консолидираат. Националната федерација им е додадена вредност и се грижи за нивниот ракомет. Ние сме во тежок период, играме средба – сабота, се надевам дека моите играчи ќе ја сфатат сериозноста и ќе победиме барем со еден гол разлика“, додаде Лазаров.
Мечот меѓу Алкалоид и Баја Маре се игра во недела во салата во Автокоманда со почеток во 19 часот.