Денеска од 15 часот во рамките на 25.коло во тековната сезона во ПМФЛ, на стадионот “Петар Милошевски“ во Битола се игра мега – дербито или “Дербито на Македонија“ или “Македонското Класико“ меѓу Пелистер и Вардар. Ова е трет меч оваа сезона, интересно е што на претходните две победија домаќините со по 1:0. Прво Вардар во август а потоа и Пелистер во ноември.
Секако дека да не беа настаните во Кочани, денеска во Битола ќе беше нешто посебно, но и вака се очекува голема посета, и поради фактот дека оваа пролет и Пелистер и Вардар играат добро, играат квалитетно на задоволство на своите фанови.
Денеска ќе има и тренерски дуел Захариевски – Седлоски, некогашни соиграчи од репрезентацијата. Да потсетиме дека на тој меч во Битола во ноември кога со голот на Мирко Ивановски во финишот, домашните победија, тренер на Вардар беше Срѓан Захариевски. А денеска тој ќе го предводи Пелистер против својот некогашен тим.
Битола е на нозе, не е тајна дека Вардар доаѓа по бодови, но исто така не е тајна дека и Пелистер се прашува, посебно кога се игра под Тумбе Кафе во “градот на конзулите“.
Реално нема фаворити, иако според квалитетот тоа би можел да биде Вардар, но кој може да биде фаворит среде Битола?
Ако ја погледнеме табелата, тогаш забележиво е тоа што со победа денеска среде Битола, Вардар на Пелистер ќе му дојде на три бода и ќе има шанси за понатамошен пробив на табелата.
Во секој случај очекуваме нов спектакл, фудбалско уживање, нова пресметка меѓу Пелистер и Вардар во најголемото дерби во Македонија или како што своевремено “Македонски Спорт“ го нарече “Дербито на Македонија“.
Да кажеме и тоа дека средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани во хуманитарни цели за Кочани.
На крајот да потсетиме дека сите останати мечеви од ова 25.коло се играат во понеделник од 15 часот.