Екипата на Алкалоид вечерва (19 часот) во салата Автокоманда против Баја Маре го игра реванш мечот од четвртфиналето во ЕХФ Европскиот Куп. Актуелниот освојувач на Купот на Македонија на првата средба на гостински терен одигра реми (31-31), се врати од голема негатива, а потоа пропушти шанса да победи, пред самиот крај водеше три гола разлика. Тимот кој денеска ќе запише триумф ќе оди во полуфинале.
Пред реваншот тренерот Кирил Лазаров предупреди дека Баја Маре е целосно насочен кон оваа средба, дури одложил меч во домашниот шампионат за да дојде максимално одморен и подготвен. Станува збор за тим со искусни имиња, за разлика од Алкалоид, кој настапува со млади ракометари на кои Лазаров е посебно горд.
„Се наоѓаме во период каде што ќе се бориме како клуб за полуфинале во едно европско натпреварување. Овој меч е од големо значење како за клубот, така и за македонскиот ракомет и спорт и внимателно ќе влеземе во реваншот со Баја Маре. Сакам да ја искористам можноста, затоа што немаше во опција во живо да се следи натпреварот, да им честитам на моите играчи за се што доживеаја и поминаа пред, за време и по мечот, против незгодна романска екипа и начинот кој се функционира кога се игра на гостински терен.
Горд сум што одигравме квалитетно и дојдовме до позитивен резултат. Можеби за време на натпреварите не изгледа така, но треба да се има разбирање, затоа што знаејќи од моето искуство, знам што може да се случи на такви гостувања и затоа сакам да ја држам екипата свесна и мотивирана затоа што се работи за екипа 99% македонски играчи, од нив 90% млади и перспективни играчи.Мора да вложиме додатен напор за да се пласираме во полуфинале. Очекувам поддршка од симпатизерите. Баја Маре доаѓа два дена порано, им одложија меч во првенството, за да може да се консолидираат“, рече Лазаров на прес-конференцијата.
Алкалоид до сега одигра седум меча во ЕХФ Европскиот Куп, запиша шест победи и едно реми.