Алкалоид одигра одличен натпревар на домашен терен против Баја Маре, во реванш 1/4 финалето славеше со 32-25 (18-12) и со тоа обезбеди место во полуфиналето на ЕХФ Европскиот Куп, а таму силите ќе ги одмери со Рунар од Норвешка. Со оваа победа актуелниот освојувач на Купот на Македонија испиша нова клупска историја и остана единствениот македонски претставник на европска сцена. До полуфиналето дојде со седум победи и едно реми.
Трибините за овој дуел беа исполнети до последното место. Мечот во салата „Авоткоманда“ почна со минута молк во чест на жртвите во трагедијата во Кочани.
За одбележување е кам-бекот на Никола Костески после шест месеци од тешката повреда. Петковски со седум гола беше прв стрелец, Стојковски имаше пет гола, додека Иван Галевски мечот го заврши со десет одбрани.
Три одбрани на Иван Галевски во првите минути и водство од 4-0 за Алкалоид против Баја Маре. Македонскиот тим пропушти три напади да ја зголеми позитивата, на другата страна Романците првиот гол го постигнаа пред 9-тата минута (4-1). Со нова серија од 3-0, избраниците на Кирил Лазаров во 11 минута поведоа со шест гола разлика (8-2). Гостите се обидоа со „седум на шест“ да ја надокнадат негативата, но Алкалоид ја казнуваше речиси секоја грешка, на средината на првото полувреме беше 12-6. За жал во следните четири минути македонскиот тим не искористи бројни чисти шанси да отиде на двоцифрена предност. Баја Маре успеа да сврзе само два гола, Алкалоид во 26-та минута дојде на плус седум (17-10). На одморот резултатот беше 18-12.
Алкалоид продолжи со добрата игра и после одморот, во 35-та минута позитивата беше +8 (23-15) и 24-16 во 39 минута, со првиот гол на Никола Костески, кој се врати во составот после пауза од шест месеци.
Момците на Лазаров одржуваат позитива од шест до седум гола. На другата страна Баја Маре постојано притискаше, бараше начин како да се врати во мечот. Иван Галевски повторно беше на ниво на задачата кога тимот имаше најмногу потреба. Иако грешеа, сепак ракометарите на Алкалоид не дозволија драма во финишот, ги прведоа мечот во своја корист и сосема заслужено се радуваа на пласманот во полуфиналето.
Првиот полуфинален натпревар ќе се игра во периодот од 18-20 април, а домаќин ќе биде Алкалоид, мечот ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“.