По немилите сцени кои денеска се случија на првенствениот дуел во Тетово помеѓу екипите на Шкендија и Брера, Фудбалската Федерација на Македонија веднаш се огласи и поведе дисциплинска постапка против домаќинот.
За потсетување, пред стартот на мечот, при задолжителната минута молк поради трагедијата во Кочани, навивачите на Шкендија наместо да молчат пееа песна.
Соопштението ви го пренесуваме во целост.
„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) отвора дисциплинска постапка против ФК Шкендија поради нечовечкото однесување на навивачите и непочитувањето на минута молк во чест на жртвите од трагичната несреќа.
Овој чин претставува недопустливо непочитување кон загинатите и нивните семејства.
ФФМ ќе преземе соодветни мерки согласно правилата со што ќе обезбеди вакви недолични постапки никогаш повеќе да не се повторат.
За вакви нелуѓе нема место во фудбалот.
Нека се огледаат на Шкендија Арачиново, која покажа достоинство и почит кон жртвите и целокупната ситуација во државата.
ФФМ пред неколку недели веќе ги испразни трибините со гостински навивачи во Струга поради недолично однесување и тоа ќе важи за сите – без исклучок.
Фудбалот мора да остане спорт на почит и достоинство.„ – се вели во соопштението.