Чаир 2030 реагира на случувањата во Куманово: Срамно однесување, вандализиран е клупскиот автобус

6291

Кошаркарскиот клуб Чаир 2030 денеска со соопштение за медиумите реагираше на сите случувања на вчерашниот натпревар од домашното кошаркарско првенство одигран во Куманово. Натпреварот беше прекинат поради навредливо скандирање од трибините, а сaлата беше испразнета, по што дуелот продолжи. Сепак, од Чаир велат дека по мечот навивачи на Куманово го оштетиле клупскиот автобус.

„Натпреварот се одвиваше во исклучително тензична атмосфера, при што за жал се слушнаа навреди и омаловажувања на етничка основа, што е апсолутно неприфатливо во која било сфера, а особено во спортот. Како резултат на навредите и пцовките на етничка основа, делегатот нареди веднаш празнење на салата. Покрај недостигот на соодветна организација од страна на домаќинот – вклучително и технички проблеми со семафорот и осветлувањето – ситуацијата ескалираше надвор од паркетот. По завршувањето на натпреварот, навивачи на домашниот тим се обидоа да го вандализираат автобусот на нашиот клуб, оставајќи и натписи со националистичка и навредлива содржина. КК Чаир 2030 најостро го осудува ова срамно и антидржавно однесување. Спортот треба да биде место на почит, здраво ривалство и обединување, а не омраза и вандализам. Апелираме до надлежните институции веднаш да преземат соодветни мерки и да го истражат овој инцидент, за ваквите појави да не се повторат во нашите спортски арени“, се вели во соопштението на клубот.

ПретходноЛазаров: Знаеме каков состав има Вардар, ќе се обидеме да парираме!
СледноНови проблеми за Пеп: Халанд на патерици го напушти мечот со Нотингем Ф.