Зшницата на одбојкарскиот куп на Македонија денеска во Радовиш продолжува со одигрувањето на полуфиналните натпревари во женска конкуренција. Во салата „25 мај“, Наковски Волеј и Фит Фан Волеј ќе ја отворат полуфиналната програма од 17 часот, а во вечерниот термин од 20 часот ќе гледаме големо скопско дерби меѓу Работнички и Јанта Волеј.
Струмичанки важат за фаворит во дуелот со Фит Фан Волеј и би требало да ја потврдата својата позиција во финалето в сабота. Многу понеизвесно ќе биде во дуелот на двата тима кои ќе се борат и за титулата оваа сезона.
„Според досегашните меѓусебни дуели на екипите кои се дел од завршницата на Купот, можам да констатирам дека нè очекуваат крајно неизвесни и интересни натпревари. Која било екипа да биде победник во сабота нема да биде никакво изненадување. Останува само да уживаме во добра игра и добра атмосфера и на крајот нека победи екипата која е најподготвена во овој момент и која ќе прикаже најдобри перформанси и секако најдобра игра“, вели Душко Деспотовски, тренерот на Работнички Скопје.
На спротивна страна, Никола Јаневиќ, предводникот на одбојкарките на Јанта Волеј додава:
„Двете екипи одлично се познаваат и во меѓусебните дуели веќе имаат докажано дека нема фаворит. Атмосферата во нашата екипа е позитивна и мотивацијата е на високо ниво. Очекуваме интересен, неизвесен и динамичен натпревар, со убава одбојка за гледање и за уживање како за нас, така и за гледачите и љубителите на одбојката. Нека победи подобриот и се надеваме дека спортската среќа ќе биде на наша страна“.
КУП НА ОФМ, ПОЛУФИНАЛЕ ЖЕНИ
ДЕНЕСКА:
НАКОВСКИ ВОЛЕЈ – ФИТ ФАН ВОЛЕЈ 17:00ч.
РАБОТНИЧКИ СКОПЈЕ – ЈАНТА ВОЛЕЈ КВ 20:00ч.










