Европски кајак куп во Велес: Спасиќ најдобар во К1

126

Овој викенд Велес беше домаќин на второто коло од Европскиот куп во кајак на диви води – дисциплина спуст, каде што учествуваа најдобрите кајакари од Југоисточна Европа. Натпреварите се одржаа на реката Вардар, каде што природните услови и солидната организација овозможија возбудливи трки и врвни резултати.

Во најсилната категорија – К1 сениори, златото го освои Љубомир Спасиќ од Македонија, пред Невен Клеут од Србија и Јосип Слошњак од Хрватска. Во јуниорската конкуренција, прв беше Благој Гугинов (МКД), пред Илија Клеут и Лука Чолич (двајцата од Србија).

Во Ц1 сениори триумфираше Јанко Пресечки (ХРВ), а во Ц2 категоријата, златниот медал отиде кај македонскиот пар Александар Златаров и Благој Гугинов.

Кај жените, Јелена Кнежевиќ (СРБ) победи во сениорска К1, додека кај јуниорките најбрза беше Уна Лукич (СРБ). Младите таленти покажаа одлични перформанси, особено Лука Велковски (МКД) и Тамара Драшкович (СРБ) во категориите У12 и У14.

Меѓу ветераните, се истакнаа Милутин Лукич и Илија Младеновски, а во клубска конкуренција најуспешен беше Кајак клуб „Арка Борец“ од Велес, пред клубовите од Србија – КК Дрина и КК Чачак.

На вториот натпреварувачки ден се одржа спринт трката, која донесе уште повеќе неизвесност и динамика. Во К1 сениори победи Невен Клеут (СРБ), пред Љубомир Спасиќ (МКД), додека третото место го поделија Јосип Слошњак и Александар Златаров.

Во јуниорската К1 категорија, победата му припадна на Илија Клеут, додека кај Ц1 сениорите најдобар беше Павле Здравкович. Во Ц2 категоријата доминираа Јанко Пресечки и Јосип Слошњак.

Меѓу жените, Ксенија Плазинич (СРБ) беше најбрза кај сениорките, а Уна Лукич повторно доминираше кај јуниорките. Младите натпреварувачи Андреј Апостолов и Тамара Драшковиќ се издвоија со златни медали во У14 категориите, а кај најмладите (У12), Павле Лукич беше најдобар.

Настанот беше оценет како исклучително успешен, и уште еднаш го потврди Велес како важен центар за кајак спортот во регионот. Со голем интерес, силна конкуренција и спортски дух, ова коло на Европскиот куп го остави својот белег и најави уште посилни предизвици во следните натпреварувања.

ПретходноДоминација: Ц. Звезда ја освои рекордната 36. титула
СледноЛавина критики за левиот бек на Ливерпул: „Време е да се пензионираш“