Коментар на 26.коло: Вардар со Седло ГАЗИ ли ГАЗИ!

380

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Нова добра, одлична партија на Вардар. Нова гостинска победа, четврта оваа пролет на петте гостувања и продолжување на серијата од осум меча без пораз. Ова е најдолга серија без пораз на Вардар во ПМФЛ, од таа во 2019-2020 кога од 18.08 до 30.10.2019 година, нашиот најтрофеен клуб немаше пораз на 13 меча во низа.

Со оглед на тоа дека во првенството има уште да се одиграат уште седум кола, а во Купот максимални три меча, оваа серија може да биде уште подобра и да заврши сезонава со 18 меча во низа без пораз.

Овој Вардар со Гоце Седлоски на клупата, просто воодушевува. На секој меч оди на победа, на секој меч игра атрактивно и на секој меч сака да победи. Тоа е она што од Вардар се очекува. Ова е тоа што вистинските фанови на овој клуб ги прави среќни и задоволни.

Во неколку наврати сме истакнале, но треба тоа постојано да се кажува. Зад овие успеси на тимот стои и раководството на клубот кој во зимскиот преоден рок одработи перфектно. Со тоа и му помогна на Седло да има подобар и поширок ростер, а на шампионскиот стратег и не му треба повеќе, се останато тој знае како треба да го одработи.

Вардар ја победи Брера со 0:2, иако според шансите таа победа требаше да биде поубедлива, ама кога се игра на така лош терен, каллив, тогаш и овие 0:2 се одлични. Најважни се трите бода, три бода со кои сега Вардар и воопшто не помислува дека треба да се грижи за опстанокот, сега целта влез во финалето во Купот по цели 18 години и освојување на пехарот по пауза од речиси две децении.

Овој Вардар е нешто сосема друго од оној есенскиот. Овој Вардар со Седло си ГАЗИ ли ГАЗИ.

Ако до пред некој месец пред секој меч на Вардар прашање беше со колкава разлика ќе биде поразен, сега веќе не е така. Сега прашањето колку тимот на Седло ќе му „испорача“ на противникот.

Некои не веруваа, многумина не сметаа дека Вардар ќе се врати каде што му е местото и дека Вардар повторно ќе биде сила. Имаше и такви кои му се ситеа на тоа што му се случуваше на Вардар есеноска.

Но, еве, тоа се случува. Без разлика како ќе заврши сезоната, со трофеј во Купот или не, Вардар со оваа пролет треба да биде презадоволен, а за следната очекувајте уште повеќе од Вардар.

За останатите средби од ова 26.коло не треба премногу да се детализира. Водечките Шкендија и Силекс победија во Кавадарци и Охрид со многу, многу среќа. Гостивар е тотално во „аут“, а Работнички со бодот на Чаир чекори кон излез во Европа.

Секако дека треба да се одбележи и убедливата победа на шампионот против Пелистер.

Во среда на програмата се првите мечеви од 1/2 финалето во Купот на Македонија во кои се среќаваат Вардар – Брера и Шкендија – Струга ТЛ.

ПретходноДе Геа година плус во тимот на Фиорентина
СледноДевојките до 19. години поразени од Хрватска