Утре во 16 часот, Струга ТЛ ќе гостува во Тетово каде ќе го одигра првиот меч од 1/2 финалето во Купот против Шкендија. Реваншот се игра за две недели во Струга.
Ако се знае дека стружани веќе ги загубија сите шанси за одбрана на титулата, тогаш ова натпреварување е единствена шанса за трофеј оваа сезона.
Инаку утрешниот меч ќе се игра без публика по казната која ја доби Шкендија по се она што се случуваше пред мечот со Брера, кога нејзините фанови пееја на едноминутниот молк за жртвите во Кочани.
Ова ќе биде првиот од петте меча на кои Шкендија како домаќин ќе мора да игра пред празни трибини.
За тоа што може да се очекува свој коментар има капитенот на Струга ТЛ, Буњамин Шабани:
“Не мислам дека ние имаме предност, можам да кажам дека е грев да се игра полуфинален натпревар од Купот без навивачи на тетовскиот стадион. Понекогаш е и притисок и задоволство, бидејќи фудбалот на крајот се игра за навивачите. Утре го имаме првиот полуфинален натпревар од Купот против Шкендија. И покрај фактот дека нема да има публика, очекувам еден многу интересен и многу важен натпревар за нас како екипа. Ме радува атмосферата која моментално владее во тимот, тоа е многу позитивно, особено по таа убедлива победа во првенството против Пелистер“ посочи Шабани.