Долгоочекуваниот состанок на Управниот одбор на Евролигата, кој се одржа вчера, не донесе ништо. Најпрво свои излагања имаа генералниот секретар на ФИБА, Андреас Загклис и претседателот на ФИБА Европа, Хорхе Гарбахоса, а потоа и претставници на клубовите кои се акционери на Евролигата.
ФИБА повторно го претстави својот предлог за можна соработка меѓу сите релевантни страни, вклучително и НБА, но тоа беше се.
Реал Мадрид продолжува да држи дистанца од овој дијалог.
Со оглед на тоа што планот на НБА останува нејасен и недоволно прецизиран, евролигашките клубови не брзаат да ги откријат картите, туку чекаат понатамошен развој со порака дека сите понуди мора да се упатуваат до цела Евролига, а не поединечно.
Тема на средбата беше и договорот со инвестициската куќа БЦ Партнерс, кој може да стане важен извор на идниот бизнис, кој беше поддржан од повеќето клубови.
Она што најмногу ги интересира сите, проширувањето на Евролигата на 20 екипи, како и тригодишните лиценци за клубови од „вајлд-карта“ се разгледани, но конечните одлуки се уште не се донесени.