Куп 1/2 финале: Седлоски сака финале, Вардар сака финале, ќе биде „жешко“ под Шара и без публика

666

Денеска од 16 часот се играат првите мечеви од полуфиналето во Купот на Македонија. Вардар на Арената во Скопје ја дочекува Брера а во Тетово играат Шкендија и Струга ТЛ.

Нема веќе дилеми. Вардар има голема, огромна шанса конечно по 18 години да се пласира во големото финале во Купот на Македонија. Последен пат тоа беше во 2007 година кога и го освои пехарот со триумфот над Победа.

Нема дилеми, ако некој најмногу во Вардар сака финале, тоа секако дека е стратегот Гоце Седлоски. Звучи неверојатно, но вистина е. Седлоски е еден од најтрофејните стратези во ПМФЛ, но никогаш со свој тим не се пласирал финалето на Купот на Македонија а уште помалку го освоил пехарот.

Вардар, тоа го покажа и во неделата, е многу поквалитетен тим од Брера. Ако се биде како што треба, ако вардарци ги повторат игрите од оваа полусезона, јасно е дека во претстојните 180 минути од овој двомеч не би требало да имаат проблем да дојдат до тоа посакувано финале.

Сепак во фудбалот ништо однапред не се знае, ова е Куп, тука се е можно, но исто така е повеќе од јасно дека Вардар оваа шанса не смее да ја пропушти.

Под Шара домашната Шкендија ја дочекува Струга ТЛ. Позната е историјата на меѓусебните дуели на овие две екипи. Само да се потсетиме дека стружани лани во мај среде Тетово ја прославија својата втора титула во низа. Сепак сега Струга ТЛ е под притисок, Купот е шансата за трофеј сезонава и веројатно за излез во Европа. Но за да се дојде до финалето, второ во историјата на стружани ќе мора да се прескокне Шкендија.

Јасно е дека ќе биде супер интересно, и денеска и за две недели во Струга. Под Шара иако ќе се игра без публика и тоа како ќе биде „жешко“,влогот е голем, посебно за гостите.

ДВОЈКИ ЗА 1/2 ФИНАЛЕ – ДЕНЕСКА (16 Ч)

Скопје: Вардар – Брера

Тетово: Шкендија – Струга ТЛ

*Реваншите се играат на 23.04.2025

ПретходноРајс: Ова никогаш не ми се случило! Ќе ги гледам головите цела вечер!
СледноСтрашна сцена во НБА: Ова е една од најтешките повреди во последните години (ВИДЕО)