Дебито на третото коло во плеј-офот му припадна на Вардар 1961 кој славеше против Охрид со 28-24. За разлика од претходната пресметка, овој пат „црвено-црните“ мечот го добија многу покомотно, од стартот го наметнаа своето темпо, охриѓани не се најдоа ниту во егал ситуација, а уште помалку во водство.
Хориха и Борозан со по седум гола беа први стрелци кај победникот, на другата страна Соуза имаше пет погодоци.
Вардар влезе со голема самодоверба на мечот, после девет минути имаше предност од 5-1. На другата страна на гостите им беше потребно време за да се прилагодат, па намалија на 5-3. Скопскиот тим повторно влезе во ритам на средината на првото полувреме поведе со највисоки 9-4. Следеше серија на исклучени играчи, ГРК Охрид со минус двајца на теренот успеа да дојде на 10-9. На одморот резултатот беше 13-12.
Вардар 1961 на стартот на второто полувреме успеа на двапати да поведе со три гола разлика, но охриѓани не се предаваа. Беа на гол на негатива, но немаа доволно концетрација, а ниту идеја како да го однесат мечот во егал. Па противникот на стартот на последните десет минути поведе со 23-19, а потоа и со плус пет минути пред самиот финиш.
За Вардар ова е трета победа во плеј-офот, за Охрид втор пораз, има и една победа.