Вечерва пред полни трибини во Битола: Македонските ракометарки ќе бркаат негатива од четири гола!

186

Вечерва од 19 часот во салата “Боро Чурлевски“ во Битола, нашата најдобра женска селекција против селекцијата на Полска ќе го одигра реванш мечот од баражот за пласман на СП 2025 кое ќе се одржи во Германија и Холандија.

Избраничките на селекторот Кристијан Грчевски на првиот меч, кој се одигра пред три дена во Полска, беа поразени со 22:18. Ова значи дека нашите ракометарки ќе бркаат негатива од четири голови ако сакаат да ја прескокнат оваа пречка и се пласираат на ракометниот Мундијал.

Јасно е дека ќе биде тешко. Полска е силен противник, тоа го покажа и на првиот меч на кој имаше убедливо водство за да Македонија во финишот успеа да се спаси од фијаско што се вели.

Сепак вечерва во Битола ќе биде некоја друга приказна. Македонските ракометарки ќе имаат силна и огромна поддршка од фановите. Се очекува, барем такви беа најавите дека салата “Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета и тоа ќе биде уште еден дополнителен мотив за нашите девојки.

А зарем треба поголем мотив ако се знае дека победа од четири и повеќе разлика, ако севкупен триумф над Полска ќе значи и пласман на Мундијалот, ќе значи остварување на сонот за учество на големо ракометно натпреварување за оваа генерација ракометарки.

Да потенцираме дека Македонија последен пат играла на СП во 2007 година, значи пред цели 18 години.

Полска и вечерва ќе биде фаворит, како што беше на првиот меч во Кошалин. И традицијата е на нејзина страна, но треба да се има верба во себе и своите квалитети и дека не секогаш победува фаворитот, посебно кога ќе имаш голема поддршка од трибините како што тоа вечерва ќе биде случај.

Значи вечерва од 19 часот во Битола, Македонија – Полска.

ПретходноИма договор: Флик и Барса ја продолжуваат соработката до 2027!
СледноДобри вести од Италија: Мењан отпуштен од болница, набргу се враќа на тренинзи! (ВИДЕО)