✍ Марија Ковачева
Македонската женска ракометна репрезентација на успеа да завери пласман на Светското првенство. Чудото во Битола не се случи и покрај тоа што во салата „Боро Чурлевски“ имаше нешто над 3.000 фанови, кои одговорија на апелот и ги бодреа „црвено-жолтите“ и воедно донираа за настраданите во Кочани.
Македонија беше поразена и на втората средба од Полска, овој пат со 23-21. По оваа средба женската ракометна репрезентација ќе зокружи дводецениска пауза од учество на Мундијалите, бидејќи следниот шампионат ќе биде во 2027 година.
Нашите ракометарки практично пропуштија вистинска шанса. Во одлична атмосфера и една бледа Полска на теренот не видовме потенцијал за многу повеќе. Лоши напади, неорганизирана игра, а уште помалку добро дадени насоки. Македонија личеше како да брани резултат, а не како да напаѓа, оваа слика повеќе доаѓаше од стручниот штаб, кој од меч во меч дава сигнал дека дефинитивно нешто треба да се менува.
Кристијан Грчевски од април минатата година до април оваа година нема победа. Последната беше против Литванија (селекција која е далеку под нас). На официјални мечеви има четири порази и едно реми, а тука се и пријателските натпревари на кои исто „црвено-жолтите“ редеа порази.
На Европското првенство не успеа да созададе енергија, ниту тактика за победа против Турција која пак за првпат во својата историја настапи на ова натпреварување, па се тешевме дека нерешено е супер. И баш не е супер, бидејќи не видовме никаков напредок.
Во неговиот мандат едно име како Леонида Гичевска беше изоставена од составот, од причини кои сега не е време да се споменуваат, а успеа од стручниот штаб да ги натера да си заминат Ања Алтхаус и Едуарда Аморим. Нивното искуство е драгоцено за една земја како Македонија, а колку вредат и двете договолно говори фактот дека Алтхаус веќе е дел од женската германска репрезентација. Грчевски често пати составот го оправдуваше со изјави од типот тие што сакаат да играат се тука, но дали навистина беше така?
Полска е најава дека треба да се менува нешто… Изговорот дека Полска е во Топ 10 селекции не поминува. Зошто? Бидејќи вчера Полска не личеше на селекција ниту приближно на изјавите на Грчевски, а Македонија беше лимитирана во своите можности, иако веруваме дека има поголем потенцијал од прикажаното во Битола.
Дефинитивно треба да се менува нешто за да изјавата на првиот човек на РФМ, Александар Стефанов има логика.
„Пожртвувана игра, борбен дух, срце на терен. Големо браво до девојките и целиот стручен штаб. Нема разочарување, главата горе. Македонскиот женски ракомет има иднина“, напиша Стефанов на социјалните мрежи.
На Македонија и е потребен вистински лидер од клупата за да ракометарките да можат да ги надминат своите можности. Голема штета, особено што дамите имаат голема желба да ја израдуваат македонската нација.