Пелистер потешко од очекувањата го доби дуелот со Алкалоид во рамките на третото коло во плеј-офот. Актуелниот првак славеше со 30-28 на домашен терен. Гостите беа на чекор до реми, но искуството пресуди. Ова го потврди и капитенот Филип Кузмановски.
“На крајот пресуди нашето искуство од Лигата на шампионите, игравме до крајот без нервоза, без избрзани потези. Имавме добри ротации, секој кој што влезе на терен имаше свој придонес. Да не го заборавиме и Самоил Ристевски кој одигра перфектна одбрана, тоа е пример за секој помлад ракометар тука како треба да се игра. Има простор тука за сите таленти да напредуваат. Тешко дека некој ќе не победи со ваква атмосфера и перфектна публика во Битола. Никого не го потцениваме, максимално се спремаме за секого. Покажавме шампионски менталитет, сега ни следи Бутел. Сакам само да продолжиме во ист ритам“, изјави Филип Кузмановски. Пелистер остана лидер на табелата со еден бод предност пред Вардар.