Попладнево од 16 часот на програмата се сите шест средби од 27.коло во ПМФЛ. Пролетниот хит, тимот на Вардар на теренот на ФФМ ќе го дочека Тиквеш и посакува продолжување на одличната серија. Тимот на стратегот Гоце Седлоски го “мерка“ и Тиквеш и со три нови бода се чини и дефинитивно ќе биде меѓу оние екипи во средината на табелата.
Се чини дека за првпат оваа пролет Вардар нема да биде под притисок, тука тоа ќе биде Тиквеш кој на овој меч мора да дојде до бод(ови), во спротивно кавадарчани уште повеќе ќе си ја усложнат својата положба на табелата. Да кажеме дека Тиквеш сезонава нема победа над Вардар, на изминатите два меча сезонава вардарци славеа во Кавадарци а на Арената во Скопје беше 1:1.
Дербито на колото се игра на Арената во Скопје каде силите ќе ги одмерат Работнички и сеуште актуелниот шампион, тимот на Струга ТЛ. Со победа тимот на стратегот Горан Станиќ уште повеќе ќе се зацврсти на третата позиција на табелата која води во Европа. Струга ТЛ пак грчевито до крајот ќе се бори за такво нешто, има шанси и преку Купот.
Во Скопје попладнево ќе се одигра и трет меч, и тоа на Маџари каде се среќаваат Гостивар и Шкупи. Тука ништо не се знае однапред, посебно откако раководството на гостиварци почна да им дели откази на своите играчи.
На останатите мечеви домашните екипи се големи фаворити. Јасно е дека Пелистер смета на трите бода против Брера, Шкендија игра дома со Воска а Силекс ја дочекува Беса.
Нема да им биде лесно, посебно не на лидерот на табелата и на кратовци, ама кога се бориш за титула мораш да победуваш се по ред.
ДВОЈКИ ЗА 27.КОЛО – ДЕНЕСКА (16 Ч)
Битола: Пелистер – Брера
Скопје: Вардар – Тиквеш
Тетово: Шкендија – Воска
Кратово: Силекс – Беса
Скопје: Гостивар – Шкупи
Скопје: Работнички – Струга ТЛ
ТАБЕЛА
Шкендија 56, Силекс 52, Работнички 49, Гостивар 44, Струга ТЛ 42, Шкупи 33, Пелистер 29, Вардар 28, Беса 24, Тиквеш 22, Воска 22, Брера 21.