По последните навивачки реакции за лошите настапи и резултати на клубот, денеска со соопштение се огласија од ФК Пелистер. Во обраќањето до јавноста, од клубот побараа обединување на сите структури и анализа на постигнатото на крајот на сезоната.
„Фудбалската сезона 2024/25 влегува во последните 5-6 недели и сведоци сме на голема борба за секоја позиција во Првата фудбалска лига, но и во младинските категории. Апелираме на обединетост на сите структури во ФК Пелистер, нашите симпатизери и навивачи.
Нашиот клуб е општински и целосно транспарентен и сите потези и постапки на актуелната управа на клубот се достапни за секого од нашиот единствен акционер – Општина Битола. Секој месец се доставуваат редовни извештаи за начинот на работа и менаџирањето на процесот. Сакаме да ги потенцираме нашите чекори по преземањето на клубот, кои комплетно се поклопуваат со нашите цели и планови во јануари 2023 година. Нашиот буџет е меѓу најмалите во Првата лига, но знаеме дека претставува огромно оптеретување врз буџетот на Општина Битола. Во овој момент тој буџет е мал за да конструира екипа со европски амбиции. Лимитирани сме во идејата за ангажирање на поквалитетни засилувања и од нашата лига и од странство. Селекцијата на играчи ја креираме според буџетот и доаѓа по потесната соработка на спортскиот директор и шефот на стручниот штаб и во консултација со претстедателот, најмногу околу финансискиот аспект.
ФК Пелистер доминантно се врати од Втората во Првата лига и задржа голем дел од фудбалерите кои го остварија тој резултат. Тоа беше и првата цел на оваа управа. Во првата сезона во враќањето во елитната категорија нашиот клуб си зацрта стабилизација и е на добар пат да ја оствари целта и да го потврди настапот во Првата лига и следната сезона. Сепак, апелираме да се насочи концентрацијата кон остварување на целта, а не кон непотребно разединување. За скок во амбициите потребно е неколкукратно поголем буџет и ангажман на повеќе луѓе во организација на клубот.
Клубот јасно го потенцираше значајот на школата и многу наши „бисери“ се приклучени и секојдневно земаат учество во проектот на сениорската екипа. Пелистер е еден од клубовите кои најмногу ги користат своите ресурси и игра со многу млади фудбалери во својот ростер. Кога зборуваме за индивидуален квалитет спремен за сениорскиот тим уште немаме комплетен производ како што посакуваме, но за комплетно реализирање на овој проект потребна е подобра инфраструктура (повеќе терени за тренинг). Нашите младински екипи имаат огромен напредок во споредба со сите претходни сезони и секоја од нив се бори за титулите во своите возрасни категории. Нашите млади екипи се гордост на клубот и референца во земјата кога младинскиот фудбал е во прашање.
Во последните две години клубот скоро комплетно го покри долгот кон побарувачите, потпишани се спогодби и долговите се сервисираат тековно. Со исклучок на ситни трошоци, ФК Пелистер е чист, транспарентен и функционален клуб. Клубот најредовно ги исплаќа платите, хонорарите и премиите на сите вработени во клубот. Не им должиме по тој основ и тоа можат да го потврдат сите играчи, тренери и вработени во клубот. Исто така сакаме да ја потенцираме заложбата на клубот националните селекции да се вратат во Битола и да играат пред уникатна фудбалска публика како битолската и најстарата навивачка група во Македонија – нашите „Чкембари“. Во тој правец ја поздравуваме идејата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), У21 репрезентацијата на Македонија да биде домаќин на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.
Не бегаме од одговорност и на крајот на сезоната мирно ќе го анализираме сработеното и ќе ја погледнете перспективата која ни ја носи иднината. Бараме поддршка од навивачите до играчите и екипата. Работата на управата е јавна и секако дека може да биде предмет на критики. Максимално стоиме зад тимот и стручниот штаб и убедени сме дека ќе ја оствариме целта. Затоа прозивките нека бидат кон нас, а не кон фудбалерите, на кои им треба мир. Уште еднаш апелираме на обединетост, бидејќи таа ни е максимално потребна во овој момент кога се бориме да ги оствариме зацртаните цели.“