Екипата на Брера е во многу специфичен момент пролетва. Нема доволно бодови за да има мирен финиш на шампионатот, туку напротив мотра да се бори за опстанокот се до последното коло. Направени се неколку измени на тренерското место сезонава, а последен кој е поставен за да ги поправа нештата во Струмица е Панче Стојанов.
Тој самоуверено влезе во „оган“ што се вели, не се исплаши од предизвикот, и тоа му се врати. Во Битола е обезбеден злато вреден триумф против Пелистер од 1:2, со што шансите Брера да опстане сезонава во ПМФЛ шампионатот се рапидно зголемени.
„Ние сме свесни во каква ситуација сме и реално секој натпревар за нас пролетва е одлучувачки. Во Битола одигравме добро. Задоволен сум од пристапот, борбеноста, тактичката дисциплина. Иако имавме само три дена претходно куп натпревар, тимот одигра на завидно ниво. Направивме анализа, и ќе пробаме да ги анулираме грешките. Мечот во Битола е зад нас, веќе сме фокусирани на она што следува, а тоа е гостувањето во Кавадарци, кај Тиквеш. Ние реално, мора да освојуваме бодови на секој меч. Секој бод за нас е важен. Имаме доста млада екипа, но со многу квалитетни играчи. Неколку играчи се приклучија пред самиот старт на шампионатот. Токму затоа беше потребно време за да се воиграме, и во исто време да ја подигнеме самодовербата. Верувам во играчите дека имаат сила, знаење и капацитет за да се справат со оваа ситуација. не се предаваме напротив, свесни сме дека имаме тешка ситуација пред нас но ќе дадеме се од себе за да обезбедиме опстанок“ – изјави за Спортспорт, тренерот на Брера, Панче Стојанов.