Двата најдобропласирани тима по завршувањето на регуларниот дел од сезоната Штип УГД и Струмица 47&72 ќе играат за шампионската титула во финалето на плејофот во машка конкуренција.
Очекувано, фаворитите без поголема драма ги минаа полуфиналните пречки во разигрувањето за трофејот. Штип УГД запиша две максимални победи над Универзитет во Тетово и со тоа ја продолжи победничката серија во меѓусебните дуели сезонава. Во иста позиција се најде и Струмица 47&72 која доминираше и во двете полуфинални средби со велешки Борец.
Штип УГД и Струмица 47&72 пред две недели се соочија во финалето од Купот на ОФМ 2025 во Радовиш кога штипскиот состав го одбрани куп-пехарот. Во финалната серија Струмица 47&72 ја има улогата на бранител на трофејот, додека одбојкарите на УГД ќе атакуваат на првата шампионска титула во клупската историја.
Финалето на плеј-офот се игра во три добиени натпревари и стартува на 25 април во Штип.
ПОЛУФИНАЛЕ НА ПЛЕЈ-ОФ МАЖИ
ПРВ НАТПРЕВАР
СТРУМИЦА 47&72 – БОРЕЦ 3:0 (25:13, 25:19, 25:19)
ШТИП УГД – УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО 3:0 (25:14, 25:20, 25:21)
ВТОР НАТПРЕВАР
БОРЕЦ – СТРУМИЦА 47&72 0:3 (19:25, 21:25, 16:25)
УНИВЕРЗИТЕТ ВО ТЕТОВО – ШТИП УГД 0:3 (14:25, 13:25, 14:25)