Уште еднаш нашиот најтрофеен клуб ја покажа својата големина, својата општествена одговорност. И секако дека заслужува едно големо БРАВО.
По трагедијата што се случи во Кочани, во која својот живот го загубија 61 лице а 200 беа повредени, раководството на ФК Вардар преку Илија Најдоски успеа да договори пријателски, односно хуманитарен меч со Ц. Звезда. Клуб кој важи за балкански гигант, клуб кој исто така без проблем ја прифати понудата да дојде во Скопје и да одигра за Кочани.
Веќе се знае одамна дека приходот од продадените билети ќе оди кај семејствата на настраданите во пожарот во Кочани и кај повредените.
Затоа БРАВО за Вардар, но и БРАВО за Ц.Звезда, клуб кој покажа дека знае да им се најде на своите соседи и во добро и во лошо.
Како што велат последните информации, за овој вечерашен спектакл кој ќе започне во 20 часот и со пренос на ТВ Арена Спорт и на МРТ, продадени се над 20.000 билети, а до вечерва ќе се продадат уште, тоа значи дека трибините ќе бидат полни, дека фудбалерите на двата гиганти, ќе играат на Градски или Национална Арена “Тодор Проески“ во прекрасна атмосфера.
Фановите на двата тима се веќе подготвени. И тие најавуваат спектакл, и тие сакаат да учествуваат активно на овој хуманитарен настан. Цела фудбалска Македонија е на нозе, сите со нетрпение чекаат да ги видат фудбалерите на Вардар и Ц. Звезда. Секако дека резултатот ќе биде во втор план, приоритет е тоа што оваа мисија која ја започна раководството на Вардар е успешна и дека вечерва сите ќе бидеме тука за Кочани, но исто така сите ќе уживаме во еден голем, мега спектакл.
Вчера Ц. Звезда официјално најави дека вечерва на Градски ќе присуствуваат и нејзините фудбалска легенда како Владимир Петровиќ – Пижон, Станислав Караси, Бошко Ѓуровски и други, а вечерва ќе бидат на Градски и Панчев, Најдоски, Канатларовски…кои во своите блескави кариера играа и за двата гиганти.
Сите овие легенди на полувремето ќе продефилираат на теренот на Градски и ќе бидат поздравени од фановите.
Вечерва сите на Градски, вечерва играат Вардар и Ц.Звезда за Кочани, вечерва ќе уживаме во спектакл.