Вечерва се става крај на четвртфиналните двомечи во тековната сезона во Лигата на Шампионите. Реал со Арсенал во Мадрид и Интер и Баерн во Милано, ова се последните два реванш меча од оваа фаза во најелитното клупско натпреварување.
Јасно е дека сите погледи вечерва на фудбалските фанови во светот ќе бидат свртени кон “Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид каде што актуелниот европски првак влегува со негатива од минус три гола во однос на Арсенал. Главното прашање е дали е можно, дали ќе има ново чудо на овој спектакуларен стадион?
Да беше некој друг клуб тогаш Арсенал ќе можеше да игра и со резервен состав, но Реал Мадрид е нешто посебно. “Кралевите“ никогаш не се предаваат, знаеле многупати досега да се извлечат од вака тешки ситуации, во право е Дон Карло кога вели “Бернабеу“ си има некоја своја магија.
Ако може некој да ја анулира оваа негатива од три гола и тоа против еден Арсенал, тогаш тоа е само Реал и никој друг. А што ако во раната фаза домашните поведат, тогаш гостите ги чека пекол?
Сепак, сепак Арсенал се прашува.
Колку за потсетување, победникот од овој двомеч во следната фаза се среќава со ПСЖ.
Во Милано домашниот Интер го дочекува Баерн Минхен. Италијанскиот првак има предност од 2:1 од првиот меч. И Интер и Баерн сакаат полуфинале со Барселона, а да не говориме колку германскиот гигант сака пласман во финалето ако се зна дека на 31 мај токму на нивниот стадион се игра големото финале во ЛШ.
Од друга страна јасно е дека Интер се прашува вечерва на “Меаца“. Тренерот Инзаги има одличен тим кој е во одлична форма. Интер знае како треба, Интер знае што треба. На домашниот состав и реми му одговара, сепак Баерн е симболот и гордоста на фудбалска Германија па затоа не треба предвреме да се отпишува, без разлика што тренерот Компани и тоа како има проблеми со играчкиот кадар.
ДВОЈКИ ЗА ВЕЧЕРВА – 21 Ч
Мадрид: Реал Мадрид – Арсенал (0:3)
Милано: Интер – Баерн Минхен (2:1)
*Во загради се резултатите од првите мечеви