Едно од најголемите засилувања за тимот на Вардар сезонава, Филип Најдовски конечно се врати на терен. По цели девет месеци пауза и рехабилитација, искусниот играч конечно, синоќа се врати на терен во дресот на Вардар против Црвена Звезда во хуманитарниот меч за настраданите во трагедијата во Кочани.
Најдовски добро ќе му дојде на тимот на Вардар во овие клучни моменти од сезоната. Долго време го немаше, но ете по серијата малери што му се случија тој конечно се враќа на терен.
„Добро е. И мене да ме огрее сонче конечно што се вели. Доста беа „црнила“ за мене. Конечно сум фит, конечно заиграв, се вратив на терен. Тоа е најважно во моментов. Проблемите се зад мене. Што се случи? Проблем со рскавицата, чашката на коленото. Терапии без операција, за да потоа се воочи ситуацијата и биде донесена одлука сепак, дека треба да имам интервенција. Следуваше рехабилитација по операцијата, враќање на тренинг, па подготовка, и конечно кам бек. По оние мечеви на подготовките во Словенија со Вардар ова ми беше прв меч. Одиме напред и гледаме само позитивно на работите. Драго ми е што се вратив токму на овој меч против Црвена Звезда, а сега сум подготвен да му помогнам на Вардар сезонава да направи што е можно подобар резултат“ – ни изјави Филип Најдовски за Спортспорт.