Одбојкарките на Работнички ќе ја бранат титулата во домашниот шампионат откако попладнево на домашен терен ја добија „мајсторката“ со Наковски Волеј во третиот меч од полуфиналето. Работнички славеше со максимални 3:0 и со тоа дојде до втората посакувана победа која ги носи во финалната плеј-оф серија.
„МАЈСТОРКА“ / РАБОТНИЧКИ – НАКОВСКИ ВОЛЕЈ 3:0 (25:17, 25:23, 25:23)
Одбојкарките на тренерот Душко Деспотовски го потврдија квалитетот во најважниот меч и успеаја да го сопрат налетот на годинешниот освојувач на Купот на ОФМ. Во големото финале ќе гледаме лута скопска пресметка меѓу традиционалните ривали во последната деценија, екипите на Јанта Волеј и Работнички.
Поради подобриот пласман во регуларниот дел од сезоната предноста на домашен терен ќе ја имаат одбојкарките на Јанта Волеј. Финалната серија стартува на 26 април и се игра во три добиени средби.