Ракометарите на Вардар без поголеми проблеми славеа над Тиквеш со 32:24 во мечот од 4. коло во плеј-офот од домашниот шампионат. Фаворитската улога која „црвено-црните“ ја имаа и пред почетокот на мечот, ја оправдаа со одлична игра уште во првото полувреме.
Интересно е што Тиквеш почна добро и успеа да направи предност и од два гола разлика во првите десетина минути, но откако Вардар израмни на 5:5, се натаму им одеше од рака на домашните. До полувреме „вардарци“ веќе имаа разлика од 6 гола (16:10).
Ништо не се промени ниту во вториот дел. Почетната предност од шест гола стигна и до +9 (23:14) што јасно навести дека избраниците на Кристијан Грчевски остануваат без шанси за финишот во кој Вардар само ја потврди четвртата победа во плејофот и останува во трка со шампионот Е. Пелистер за шампионската титула.
Стефан Петриќ со седум постигнати гола беше лидер меѓу ракометарите на победничката екипа.