Манчестер Сити ја има својата најлоша сезона откако Пеп Гвардиола ја презеде функцијата пред девет години. Моментално се петти тим во англискиот шампионат со два бода помалку од Нотингем Форест и дури 21 зад водечкиот Ливерпул. Во Лига купот испаднаа во четвртото коло, во Лигата на шампионите испаднаа во плејоф рундата, а единствена шанса за трофеј им е ФА Купот каде во полуфиналето ќе се соочат со Форест.
Гвардиола најверојатно нема да ги води „граѓаните“ следната сезона, а се подготвува сериозен ремонт и во соблекувалната. Некои британски медиуми шпекулираат дека Сити би можел да го напуштат двоцифрен број играчи, а некои како Кевин де Брујне веќе најавија заминување. Меѓу оние кои заминуваат е и Џек Грилиш, најскапиот играч во историјата на клубот.
Сити му плати 118 милиони евра. Сега заминува за три пати помалку
29-годишниот англиски офанзивен играч за врска пристигна во Сити летото 2021 година од Астон Вила за 118 милиони евра, што го прави убедливо најскапиот играч во историјата на клубот. Втор на таа листа е Јошко Гвардиол кој е платен 30 милиони евра помалку. Грилиш е и деветти најскап играч во историјата на фудбалот.
Според британските медиуми, три клуба се издвојуваат како најверојатна следна дестинација на Грилиш. Тоа се Тотенхем, Њукасл (кој под водство на Саудиска Арабија стана најбогатиот клуб во светот) и „неговата“ Астон Вила.
Трансфермаркт моментално го проценува на 35 милиони евра, а околу таа сума се шпекулира во тамошните медиуми. Тоа значи дека Сити ќе го продаде за три пати помалку пари од она за што го донел.
Од доаѓањето во Манчестер Сити, Грилиш одигра вкупно 155 натпревари, постигнувајќи 17 голови и 23 асистенции во сите натпреварувања. Во сезоната 2024/2025, Гралиш настапи на 19 натпревари во Премиер лигата, постигнувајќи 1 гол и 1 асистенција.
Тој го постигна својот единствен првенствен гол на 2 април 2025 година против Лестер Сити, негов прв гол во Премиер лигата по 16 месеци. Во другите натпреварувања додаде уште еден гол во ФА Купот и еден во Лигата на шампионите.