Пишува: Зоран Ѓоршоски
Бурно беше вчера на сите шест средби од “велигденското“ 28.коло во ПМФЛ. Најмногу врева се дигна по настаните во Охрид, каде Воска самата си се откажа и по наредба на својот тренер, тоталниот анонимус Клодиан Арбри се повлече од теренот и не ја доигра средбата со Вардар.
А беше 1:1, а можеше да дојде барем до бод. Вака не само што остана без бод(ови) туку и ќе биде казнета со одземање бодови.
Воска едноставно самата си „пукаше во нога“.
И што е шокантно, за тој гол што се бунат беше чист. Што ли мислат сега тој тренер, играчите и раководството на клубот откако ја видоа снимката со голот на Дурански?
Веројатно се јадосуваат, ама сега доцна е…
Против тројца играчи на Гостивар и еден член на стручниот штаб поднесени се кривични пријави откако претходно тие беа приведени во полициската станица во Струга веднаш по мечот со домашниот тим кој заврши 1:1.
Се обвинуваат дека нападнале полицајци во мешаницата која дојде по мечот како што веќе рековме.
И додека некои клубови си имаат проблем со притвори, други веќе итаат кон титулата. Се разбира дека тука мислиме на Шкендија која во трилер меч славеше кај Беса со 2:3 и сега на пет кола до крајот има +4 пред вториот Силекс. Не дека се е готово, но Шкендија е на потег.
Силекс победи на Чаир, а по мечот домашните излегоа со соопштение дека голот на Марко Ѓорѓиевски за Силекс бил од офсајд. Од ТВ снимката се гледа дека е така, но на чаирчани ни на памет не им паѓаше да го напуштат теренот како што тоа го направи Воска во Охрид.
Се додека нема ВАР кај нас, може да си кажеме вака или онака, но едно е јасно. Секој може да погреши, па дури и судиите кога треба да донесат одлука во дел од секундата. Нам ни е многу полеснио да си искоментираме откако ќе ја видиме спорната ситуација по стопати низ ТВ снимка.
Работнички освои големи три бода против Пелистер во битката за Европа, исто така и Тиквеш освои екстра значајни три бода против Брера.
За крај да кажеме дека на пет кола до крајот и дефинитивно Струга ТЛ ја предаде круната. Стружани сега имаат минус 16 бода во однос на Шкендија.
Во Струга ТЛ допрва ќе се прашуваат зошто не дојдоа до хет-трик иако оваа сезона го имаа најквалитетниот состав во ПМФЛ.
Барем според имиња.