Менаџерот на Арсенал, Микел Артета се надева дека Букајо Сака ќе биде подготвен за полуфиналето на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен на 29 април и 7 мај. Англискиот репрезентативец беше заменет во 57. минута од натпреварот против Ипсвич и имаше облога со мраз на глуждот, откако Дејвис опасно го згазна.
“Мислам дека тоа не беше намерно, но беше доста опасно. Кога ногата е на земја, а телесната тежина е на нешто, може да се случи нешто навистина опасно. Фаулот беше во грбот и тој не можеше да реагира. Имаше мал проблем со глуждот, но се надевам дека не е ништо сериозно”, изјави Артета за медиумите.
Шпанскиот специјалист беше задоволен од настапот на „топчиите“ против Ипсвич, кои се многу блиску до испаѓање од елитата.
„Навистина сме среќни. Првите 35 минути се едни од најдобрите што ги одигравме оваа сезона. Навистина доминиравме, беше позитивно попладне. Направивме и некои ротации“, додаде Артета.
На почетокот на оваа недела, лондончани го елиминираа 15-кратниот европски клупски шампион Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Тимот нема шанси да ја освои титулата во Англија, бидејќи заостанува 13 бода зад лидерот Ливерпул.