Претходните денови се почесто се шпекулираше дека Реал Мадрид на крајот од сезоната ќе му се заблагодари на Карло Анчелоти за соработката, а за тоа наводно се повеќе е свесен и самиот стратег, кој наводно веќе нашол нов ангажман.
Анчелоти ќе остане на клупата на кралевите до крајот на сезоната бидејќи Реал се уште се бори за трофеите во Примера и Купот на кралот, но како што стојат работите, на негово место од следната сезона ќе дојде Чаби Алонсо. Иако Анчелоти веруваше дека ќе биде во Реал и следната сезона, се чини дека по поразот од Арсенал стана свесен дека тоа нема да се случи и се сврте кон нови предизвици и понуди кои ги има на маса.
Првата и главна се однесува на репрезентацијата на Бразил, бидејќи Бразилците долго време го „бркаат“ италијанскиот стратег. Но, и покрај тоа што неколку пати беа одбиени, тие не се откажаа и се чини дека можеби конечно ќе успеат да ја исполнат својата цел. Шпанскиот весник Релево наведува дека Бразилците и Анчелоти повторно воспоставиле контакт и дека Италијанецот никогаш не бил поблиску до клупата на „Кариоките“.