Симоне Инзаги призна дека е „загрижен“ по поразот на Интер од Милан со 0-3 во реваншот од полуфиналето на Купот на Италија.
„Жал ни е за нашите навивачи, кои уште еднаш се појавија во голем број вечерва“, започна Инзаги.
Сепак, тренерот на „нероаѕурите“ го даде своето право на противникот, кој се пласираше во финалето по победата со вкупни 4:1.
„Ова е фудбал – мораме да му оддадеме заслуга на Милан“, рече Инзаги.
Елиминацијата од натпреварувањето значи дека Интер нема да може да ја повтори тројната круна од соништата и засега останува во битка за Серија А и Лигата на шампионите.
“Има жалење за првото полувреме бидејќи врз основа на тоа што го создадовме ќе заслужевме повеќе. Во вториот дел примивме гол од корнер и среќата не беше баш на наша страна. После тоа направивме многу помалку во однос на првото полувреме”, додаде Инзаги.
Загриженоста за тренерот на миланскиот гигант доаѓа и од фактот што неговиот тим загуби во вториот последователен натпревар по поразот од Болоња со 0:1 викендот во Серија А.
„Мораме на вистински начин да ги анализираме двата порази. Не заслуживме да загубиме во Болоња, а вечерва останавме без енергија во вториот дел“, објасни Инзаги.
На Интер сега му претстои критична серија натпревари кои ветуваат дека ќе бидат решавачки за нивната сезона, бидејќи по одложениот натпревар против Рома в недела ќе следи првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите против Барселона.
„Мораме да продолжиме. Има и физички и психички замор – мораме да бидеме посилни од сето ова. Ова патување ни донесе многу радост, но и некои разочарувања, како вечерва. Требаше да бидеме подобро – ни недостигаше острина во двата шеснаесетник во клучните моменти од натпреварот. Треба да покажеме максимална концентрација во шеснаесетникот, а вечерва не се справивме со заморот“.