Голема битка во првите 30 минути на дербито меѓу Пелистер и Вардар 1961 во Битола, резултатот на одморот е 16-17. Во само едно полувреме најдобрата македонска судиска својка Начевски и Николов досудија 16 пенали. Домаќинот доби девет, а искористи седум, додека гостите реализираа шест од седум.
„Црвено-црните“ мечот го отворија со 0-4 со тоа што Крсманчиќ не реализира од седум метри. По неколку одбрани на двете страни, Манасков го постигна првиот гол за Пелистер и тоа во шестата минута.
Позитивата од четири гола Вардар 1961 ја одржуваше до 16-та минута кога битолчани со серија од 3-0 дојдоа на еден гол негатива (9-10), реализираа Атанасијевиќ, Радивојевиќ и Кузмановски. Крсманчиќ од седум метри го прекина налетот на противникот за 9-11, но неизвесноста продолжи, следеше серија на удари од седум метри на двете страни.
Маргели не успеа да ги врати највисоките плус четири во 21-та минута при 10-13 и после одбрана на Гогов од седум метри. Младиот голман на Вардар 1961 имаше уште една одбрана, а на другата страна Борозан испрати бомба за 10-14 во 24-та минута.
Но, Пелистер не застана, со три гола набрзина (два на Тајник и еден на Манасков) намали на 13-14. Еспиња се најде на вистинското место, а Крсманчиќ и Борозан вратија за 13-16. Од овој момент Вардар постигна само еден гол, на другата страна Пелистер намали на 16-17, резултат со кој се замина на одморот, Еспиња не му дозволи на домаќинот да реализира.
Крсманчиќ постигна седума гола кај Вардар 1961, додека кај Пелистер Кузмановски има пет.