Одбојкарките на Јанта Волеј и Работнички утре ја почнуваат финлната трка по шампионскиот трофеј. Двата скопски ривали кои и низ минатите сезони водеа жестока битка за трофеите на домашната сцена, оваа сезона повторно влегуваат едни против други во борбата за најпрестижниот трофеј на домашната сцена.
Шампионот Работнички оваа сезона имаше доста осцилации во играта како резултат на промените во ростерот, а Јанта Волеј направи стабилен ростер кој не случајно беше и првопласиран во регуларниот дел од сезоната. Сепак, шампионките се надеваат дека најдоброто од себе ќе го покажат во ова финале. Веќе утре одат на прв „брејк“.
„Што и да се каже за едно финале, нема да биде доволно. Секако дека со нетрпение чекаме да излеземе на утрешниот дуел и да покажеме што знаеме. Јасно е дека секој од овие финални дуели со Јанта Волеј ќе биде тежок и неизвесен до крај. Сезонава со нив веќе одигравме пет средби од кои дури три завршија во пет сета. Тоа јасно покажува каква е израмнетоста на двете страни. Сепак, тие ни водат оваа сезона со 3:2 во победи, па сега е време да израмниме и да го добиеме тој прв меч. Секако ќе биде многу тешко, но ќе се бориме“, вели тренерот на шампионот Работнички, Душко Деспотовски.
Првиот финален меч е закажан за утре од 18 часот во салата „Невена Георгиева-Дуња“ на теренот на лидерот, Јанта Волеј.