Со вечерашниот дуел во салата „Јордан Мијалков“ во Штип (19 ч.) почнува финалната серија од плеј-офот во домашниот одбојкарски шампионат во машка конкуренција. Двата тима кои покажаа тотална доминација во тековната сеозна, Штип УГД и Струмица, вечерва ја почнуваат битката за најголемиот трофеј.
Струмичани ќе се обидат да ја задржат титулата во своите витрини, додека Штип УГД осоколен по освоените два пехари од Купот на ОФМ во последните две сезони се надева на својата прва титула во клупската историја. Момците предводени од тренерот Кристиан Ристески, уште вечерва треба да потврдат дали навистина се подготвени да го преземат приматот од струмичани.
„Финалната серија ја дочекуваме со три последователни победи против екипата на Струмица. Фаворитската улога можеби е на наша страна, но Струмица е бранител на титулата, долгогодишен првак и противник кој го почитуваме, и сето тоа дава дополнително голема тежина и за двете екипи. Очекувам пред сè една убава одбојкарска претстава со атрактивни поени, неизвесност и борба за секој поен, како што доликува на едно финале. Серијата ја започнуваме пред домашната публика, која верувам ќе ни даде голема поддршка со полна сала и со убава и победничка атмосфера, што ќе ни биде ветер во грб за со победа да стартуваме во првиот натпревар од финалето“, истака тренерот на Штип УГД, Кристијан Ристески.
По загубениот куп-трофеј, во струмица се свесни дека титулата ќе значи спас на сезоната.
„Со четворица повредени играчи, од кои двајца искусни репрезентативци, тешко се ‘носиме’ сезонава, но нема предавање. Традицијата е на наша страна, секако желбите и амбициите се шампионската титула да остане во наш посед. Факт е дека ќе биде тешко, но одлично се познаваме со Штип УГД и како екипи, но и индивидуалните квалитети на играчите, маните и предностите. Добро ги анализиравме последните меѓусебни дуели, извлековме поука од грешките кои ги имавме во финалето на Купот и подготвени сме. Сега останува она што е тактичка замисла да го пренесеме на теренот“, вели предводникот на Струмица, Јован Ристоманов.