Куп на Македонија: Вардар 1961 пак ја освои Битола и прв завери место на Ф4

260

Познат е првиот патник во завршницата на Купот на Македонија. Не е изненадување дека Вардар 1961 е победник во својата група. Во финалето „црвено-црните“ славеа против вториот тим на Пелистер со 28-25.

Пинто Мигуел имаше девет гола, додека Срдановиќ шест кај победникот. Во редовите на поразениот состав најдобар беше Белистојановски со шест гола.

Овој дуел беше решен после првото полувреме, Вардар 1961 со серија од 6-0 поведе со 15-7, но ова не беше највиската предност во овој дел од мечот, туку на одморот од 18-9. Скопјани продолжија во ист ритам и во вториот дел, на стартот поведоа со двоцифрени 20-10 и само потврдија како ќе се одвива овој меч и како ќе заврши. Пред крајот скопскиот тим се опушти, што пак го искористија ракометарите на Пелистер 2 за да го ублажат поразот.

Претходно Вардар 1961 го победи Бутел Скопје со 33-30, а додека Пелистер 2 не играше меч, бидејќи Борец во Битола дојде со девет играчи, што е спротивно на правилата.

Утре ќе бидат познати уште двајца патници на Ф4, додека последното име ќе биде познато во вторник.

ПретходноКристал Палас ја декласира Астон Вила на „Вембли“ за пласман во финалето на ФА Купот!
СледноМКК Куманово го „преслуша“ Кожув за чекор до полуфинале