Со триумфот над Беса, тимот на Вардар попладнево на свој терен ја продолжи низата на мечеви на кои освојува бодови пролетва, и нормално веќе нема никакви грижи и проблеми кога станува збор за статусот во овогодинешниот ПМФЛ шампионат.
Цели тринаесет мечеви Вардар е без пораз. На ваква низа на позитивни резултати, можат да се пофалат само екипи кои што се борат за титула за највисок пласман, а ете токму тоа во моментов го остваруваат и момците на тренерот Гоце Седлоски.
Да се дојде до овој момент не беше воопшто лесно, а само „црвено – црниот“ табор знаеше како му е перидов. Кога „му гореше под нозе“, а ете се справи со се што му се исправи како предизвик, противник, како сакате.
И успеа во тоа. Вардар во моментов е шести на табелата со 35. бода. Да, треба да се одигра утре комплетното коло, но фактите говорат следново. Дека освен Шкендија на стартот на пролетниот дел, никој ама баш никој друг не успеа да го совлада миленикот на Скопје.
Израмнета низата на позитивни резултати од 2019/20
Долго време Вардар не можеше да сврзе победа две во низа, а сега може слободно да се говори за следново. Последен пат клубот имал тринаесет мечеви во низа без пораз во сезоната 2019/20 во онаа „корона“ сезона. За да, еве сега, по години агонија, на резултатски план, конечно да се биде онаму каде што треба, на позитивната страна од нештата.