Ги избркаа од Гостивар, играат на стадионот „Борис Трајковски“ во Маџари а тренираат во Петровец. Трошат милионски суми со сомнително потекло, плаќаат скапи фудбалери, се шамараат по соблекувални, напаѓаат официјални лица на гостувањата – па ги држат по полициски станици и добиваат соодветни пријави. Има и најави и истраги за нудење поткуп на судии, и најлудото од се – со кучиња се проверуваат кој кого и дали наместил! Бараат помош од судии, имаат очајни резултати, скапи играчи и тренери и на крајот од денот „тајна прес конференција“ и напад – судењето не им било добро!
Тоа е ФК Гостивар. Тим кој денеска одлучи дуелот со Работнички да го игра пред празни трибини, клуб кој вчера одржал прес-конференција за која ретко кој знае. Клуб во кој цела пролет има циркус и бркање на играчи од соблекувална – клуб кој е сопствена играчка на еден човек – Енес Уста, бизнисмен од Турција кој наместо во родната земја често е на Северен Кипар и Малта.
Човекот кој не верува во никој, човекот кој сопствениот неуспех (непотребно ја растури екипата), сега сака да го препише на некоја трета страна (судии, лош терен, федерација…), па така и кога губи или не победува, тој мисли дека некој го мести или дека му прават игри. Фрлени „илјадници“ евра на познати фудбалски шарлатани од земјава кои уништиле десетина други клубови, а удираат „такса“ за рекет на судии и како „пријатели“ кои ќе му донесат на Енес Уста излез во Европа или титула, а и самиот не е свесен дека е длабоко влезен во нивните шеми.
Гостивар кој од ФФМ со допис барал да му се помогне околу тоа кој од неговите во клубот му игра нечесно и го мести до клуб за кој се збори и за кој ќе се покрене истрага дека преку фудбалери нуделе „мито“ на судиите од пред две кола. Гостивар, клуб кој во Кавадарци и Струга имаше проблем со полицијата и напади на официјални лица на натпреварите со Тиквеш и Струга ТЛ.
Игрите на Гостивар и нивното „сеење магла“ како алиби за потрошените милиони и стравот дека зад себе ќе имаат уште една неуспешна сезона. Обвинуваат за лош терен како причина за слабите игри и резултати иако со толку многу пари може да играат каде сакаат, а може и да направат и скап терен кој би бил најдобар во земјава. Ако еден Потук има плата од 40-50.000 евра месечно! Ако Ервин Ли има 300.000 евра за пролетната полузесона. Тоа се многу пари, сериозни пари за клуб кој имаше добра есен, но хаотична пролет и неколку резултати кои го исфрлија и од битката за титулата, а најверојатно и од битката за Европа.
И на крајот… сите виновни, само нивната неспособност и незнаење нема да се брои. И најлесно е да се обвинуваат други за сопствените нефудбалски одлуки кои носат и слаби игри а со тоа и резултати. Ако на Уста не му чинат условите тука, тогаш може да си игра фудбал каков што тој го сака на пример во неговата Турција, ако смее да оди таму!?
И за крај нема фудбал и резултати ако со омилените и скапи играчи се дреме по хазард клубовите до ниедно време.
Треба да се знае дека законите во оваа држава се и треба да бидат еднакви за сите спортски субјекти за и околу нивното финансиско работење (придонеси, закони, даноци…).