Екипата на Алкалоид може да направи уште еден историски чекор. Тренерот Кирил Лазаров се на 60. минути до пласман во финалето на ЕХФ Европскиот Куп. Денеска (17 часот) на гостински терен кај Рунар го играат реваншот во полуфиналето, на истиот ќе влезат со позитива од пет гола, откако првиот меч во Скопје заврши со 42-37.
Нема да биде лесно ни малку за младиот состав на единствениот македонски претставник на европска сцена бидејќи норвешкиот тим до сега сите мечеви на домашен терен ги доби со висока разлика, а Лазаров на располагање има млади играчи, кои ќе морат да го издржат притисокот за да дојдат до посакуваното финале кое за Алкалоид ќе биде огромен успех.
„Очекував тежок меч, имавме доста материјал за Рунар. Играат добро цела сезона и во лигата и во Европскиот Куп. Ги почитуваме, победивме со пет гола, но имаме седум дена да се подготвиме добро за реваншот. Сигурен сум дека реваншот ќе биде многу потежок од овој дуел“, рече Лазаров после победата во Скопје.
Во составот на Алкалоид го нема капитенот Игор Ѓоргиев, а одамна Лазаров не смета на Марко Митев и Никола Костески.
Во меѓувреме Алкалоид имаше „пеколен“ распоред, покрај европските мечеви, во домашниот шампионат имаше серија на тешки мечеви, но во тимот веруваат дека можат да издржат нови скандинавски 60. минути. Доколку се пласираат во финале таму ги чека АЕК.
Правдата на оваа средба ќе ја делат италијанската судиска двојка Франческо Симоне и Пјетро Монитиљо, а делегат е Хлинир Леифсон од Исланд.