Селекторот на женскиот сениорски национален тим, Стефан Пауновиќ го објави поширокиот список на одбојкарки на кои ќе смета за престојните настапи на репрезентацијата – Сребрената Европска лига 2025 и квалификациските натпревари со Грција и Австрија за Европското првенство 2026.
На поширокиот список на предводникот на сениорките се најдоа 24 одбојкарки, од кои шест интернационалки, додека останатите репрезентативки настапуваат за најдобрите три домашни клубови во моментов Работнички Скопје, Јанта Волеј КВ и Наковски Волеј, како и Марија Лазарова од Струмица жени и капитенката на репрезентацијата, либерото Емилија Попјордановска, која го носеше дресот на Газели Волеј сезонава.
Селекторот Пауновиќ и неговиот асистент, стратегот на Работнички Скопје Душко Деспотовски во текот на следната недела ќе го објават и потесниот список на одбојкарки, кои на 15 мај треба да се појават на првиот собир на репрезентацијата во хотелот „Горан Пандев“ во Струмица.