Синоќа се одигра уште едно неверојатно Ел Класико – овој пат со огромни влогови на масата, а на крајот, Барселона триумфираше.
Откако каталонскиот клуб поведе преку Педри во првото полувреме, Реал Мадрид успеа да го сврти резултатот во второто полувреме. Славењето на мадридскиот тим траеше кратко, бидејќи голот на Торес во 84-тата минута го одведе натпреварот во продолжение. По грешката на Лука Модриќ во 116-тата минута, Кунде ја искористи ситуацијата и постигна гол за победа и освојување на трофејот од Кралскиот Куп.
По натпреварот, Карло Анчелоти застана пред печатот и ги негираше обвинувањата дека го напушта клубот веднаш по финалето на Кралскиот куп.
„Излегуваме од овој натпревар со подобрен тимски карактер бидејќи сите мислеа дека Барселона ќе нè надигра и ќе ни одржи фудбалска лекција. Тоа не беше случај, бевме блиску до самиот крај. Ќе продолжиме да се бориме во Ла Лига до крајот. Овој натпревар ни дава самодоверба бидејќи, особено во второто полувреме, бевме многу поблиску до победата од нашиот противник“, изјави искусниот стратег.
Со својата изјава за борбата за Ла Лига, тој целосно ги негираше наводите на многу светски медиуми кои пишуваа дека ќе си замине по синоќешниот натпревар. Покрај тоа, тој даде индиции дека можеби нема да замине на крајот од сезоната.
„Може ќе останам во Реал Мадрид, а можеби и ќе си заминам, ќе видиме. Тоа е одлука што ќе биде донесена за неколку недели, а не за неколку дена“, рече тој на оваа тема.