Коментар на 29.коло: Од најава за освојување на титулата до “бегање“ од терен – ТОА Е ГОСТИВАР!

494

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Во неколку наврати сме истакнувале, критизирале, посочувале, давале совети,но бадијала. Дури сега се гледа дека полноќните објави на ФБ страната на Гостивар, некогаш и во 01.30 часот за промоција на тренер или нов играч, се ништо во споредба со она што Гостивар го направи и прави последните денови, недели и месеци.

Па, кој нормален на полноќ на своите социјални мрежи врши промоција? Или она со Нани или Валбуена, прво се фалат дека ќе дојдат а после…

Да, дојдоа Дирар и Потук, ама како и зошто?

Ова само како вовед за тоа кој го води ФК Гостивар, кој дава пари, кој…

Јасно е дека на мак-фудбалот му се насушно потребни инвестиции и инвеститори, но да работат според законите на Р. Македонија. Да работат како што се работи во Вардар, Струга ТЛ, Шкендија, Работнички и речиси сите останати клубови во ПМФЛ.

И сега да дојдеме до тоа главното, за тоа што се случи вчера.

Пред да почне пролетниот дел се најавуваше поход на титулата, но само по две – три кола почнаа “дешавките“. Делењето откази, случувањата во соблекувалната и се друго што пошироката јавност не го знае, а и не мора, па тоа се интерни работи.

Јасно е дека е скандал да го напуштиш теренот, да избегаш како најголема кукавица, но поголем скандал е да го најавиш тоа пред натпревар и да се заканиш дека ако губиш ќе го прекинеш мечот.

Е, за ова треба најстрога казна. За ова надлежните во ФФМ и тоа како треба најостро да го казнат Гостивар.

Има многу работи да се кажуваат, ама голем дел од нив се кажани стопати, дел од нив нека останат тајна.

Интересно, каде и да гостува Гостивар има проблеми. Во Струга дремеа дел од играчите во полициска станица, и во Кавадарци претходно имаше проблеми и тоа какви. Да не говориме за блиското минато, на два меча со Вардар, на она гостување во Струга минатата сезона.

И сега што? Дали газдата е “фраер“ што вчера им нареди на играчите да се повлечат? Дали е свесен што направи или какви последици има клубот од Гостивар?

Сега ќе добие одземање на 9 бода, а уште ако се одлучи да тргне по стапките Воска, тогаш овој клуб просто ќе го зацрни.

Сепак колку и да се сака да се оцрни мак – фудбалот, нема да се успее. Значи редно е веќе да се стави крај на сите махинации во нашиот фудбл. Да се каже – ДОСТА Е!

И немојте да мислите дека некој намерно е на удар. Не, никој не е на удар. Само тие кои ќе погрешат, без разлика кој и да е.

Сега на потег е Гостивар. Да видиме кој е следниот чекор.

Едно прашање за крај. Каде е Мерт Нобре?

Дали и тој дозна со кого си има работа, конечно, па си избега од ФК Гостивар.

И зошто ако го нема, ако добил отказ или си дал оставка не е ставена таа вест некаде на полноќ, како што тоа го прават во Гостивар.

ПретходноПо бод за Удинезе и Болоња!
СледноКлоп до Ливерпул: Ти благодарам љубов моја!